Општина Охрид со дводневна програма ќе го одбележи 2 Август – Денот на Републиката. Програмата започнува на 1 август во 20:30 часот кај споменикот на Илинденците во селото Велгошти, каде ќе биде положено цвеќе и обраќање ќе има претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.

Во рамки на културно-уметничката програма предвиден е драмскиот перформанс „Македонија ќе роди нови борци, вие ќе живеете во срцата наши“ во изведба на македонски актери, по што ќе следуваат настап на охридскиот женски квартет „Harmonix“ и концерт на Јована Богданоска.

Програмата продолжува на 2 август, со положување на цвеќе пред спомен-обележјата на Илинденците во Градскиот парк и кај Прентов мост. Во 11 часот кај Прентов мост ќе се одржи историски час, по што ќе следи културно-уметничка програма и настап на музичката група „Премиера бенд“. Прославата ќе биде заокружена со „Илинденска вечер“ во селото Елшани, каде од 21 часот во дворот на црквата „Свети Илија“ ќе настапат Перчо Матлиески и Анастасија Митровска.

Илинден е симбол на слободата, храброста и заедништвото – ден кој со гордост го одбележуваме и го пренесуваме на идните генерации, велат од Општина Охрид, упатувајќи покана до граѓаните да бидат дел од свеченостите за заедничко одбележување на големиот македонски празник.

OhridNews