Со пригодна свеченост попладнево во општинската зграда се одбележа празникот 23 октомври, Денот на македонската револуционерна борба.
Пред присутните се обрати градоначалникот Никола Бакрачески кој потенцира дека годинава се одбележуваат точно 120 години од судбинскиот момент кога била одредена историјата на македонскиот народ.
– Пред точно 120 години во Солун, центарот на македонското револуционерно движење, шестмина мажи на 23 октомври 1893 год., ја поставија структурата на Организацијата и ги втемелија идеите за создавање на сопствена македонска држава. Книжарот Иван Хаџи Николов, д-р Христо Татарчев, учителите Даме Груев, Петар Поп Арсов, Антон Димитров и Христо Батанџиев, ја создадоа Македонската Револуционерна Организација и ја отпочнаа епопејската историјата на Македонија, која се пишува до ден денешен. Иако низ годините се менуваше називот, две придавки секогаш беа стожерот на Организацијата, таа секогаш беше “македонска” и “револуционерна”. Тоа јасно ја детерминира улогата на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација ВМРО, да биде во функција на македонштината и секогаш да е нејзиниот борбен заштитник. Битката за слобода не започнува со ВМРО, но ВМРО беше таа што постави цврста организација која има многу повисока цел-создавање на стабилно, трајно и силно движење за ослободување, кое ќе може да дејствува долг временски период, се до извојување на национална победа, рече Бакрачески.
Бакрачески додаде дека создавањето и дејноста на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација, претставувала историска пресвртница за Македонија во 19 и 20 век, а целите на Организацијата се актуелни и денес во 21 век.
– Каузата за слободна, независна и достоинствена македонска држава се основните столбови на ВМРО од самото нејзино постоење. Затоа, 23 октомври- денот на формирањето на ВМРО заслужува достојно одбележување на секој македонец и секој почитувач на македонското револуционерно дело, без разлика дали е тоа македонец, влав или било кој друг, рече меѓудругото во своето обраќање градоначалникот Бакрачески.
Свечената програма беше збогатена со настапот на Ивона Базгалоска на пијано, Миланка Новеска – соло пеење и Даниел Мојсоски на виолина. Присутните го проследија и настапот на хорот при гимназијата „Св. Климент Охридски“, познатата пијанистка Емилија Маринова и оркестарот при општинското средно училиште „Св. Климент Охридски“ .