Тргнувајќи од воспоставеното правило на оваа власт дека “стопати повторена лага, би можела да стане вистина”, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, продолжува со искривување на вистината, надевајќи се дека граѓаните ќе им поверуваат на нивните безочни лаги, стои во реакцијата на општина Охрид во врска со денес одржаната прес- конференција на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ.

Уште еднаш се обидоа да ја прелажат јавноста, исто онака како што тоа го прават со негативниот извештај на ЕУ кој го претставуваат за позитивен, како што невидената сиромаштија на граѓаните ја прикажуваат како зголемување на нивното богатство. Наместо да одговорат, зошто во Охрид е уништен здравствениот систем, зошто нема решение за работниците во ЕМО, зошто цути криминалот и корупцијата, тие иницираат непостоечко прашање кое наводно треба да се разгледува. Им порачуваме на Антикорупционерите, додека се таму, би било добро да се позанимава со советниците од ВМРО-ДПМНЕ, за кои има доволно елементи за покренување на законска постапка. Антикорупционерите би требало да ги интересира како тоа  јавните набавки во општина Охрид се двојно поефтини од оние на нивните градоначалници, велат од општина Охрид.

Оттаму напоменуваат дека, ниту е донесена одлука за поставување на претседател на Комисија за јавни набавки, ниту Советот на Општина Охрид расправал по оваа точка. Од локалната самоуправа го повторуваат ставот на градоначалникот Петрески, дека на утрешната Седница на Советот на општина Охрид, ќе го прифати секој предлог кој ќе го достават советниците на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Комисијата за јавни набавки.

OhridNews