Многу е добро што СДСМ – Охрид конечно јавно призна дека новото локално раководство и градоначалникот Никола Бакрачески во периодот откако се на власт неуморно работат за доброто на Охрид и охриѓани, се вели во реакцијата на локалната самоуправа на прес конференцијата на опозициската партија.
-Во изминативе 11 месеци, новата локална гарнитура ги плаќа долговите кои вие сте ги направиле, односно прави напори за санирање на финансиската дупка од 33 милиони евра а паралелно на тоа се работи на стабилизација на јавните претпријатија кои исто така ги оставивте во ужасна финансиска состојба. Досега, општината преку својот буџет до нив трансферира над 41 милион денари, а во насока на непречено функционирање на образовните институции кои ги оставивте со блокирани сметки само во 2013 година вложени се околу 16 милиони денари. Тековно се сервисираат сите обврски на општината, а дополнително е намален општинскиот долг за околу 45 милиони денари. – потенцираат од локалната самоуправа.
Во соопштението се набројуваат инфраструктурните зафати кои ги реализирала општината изминатиот период во континуитет, како што се асфалтирањето на повеќе градски улици и локални патишта, изградбата на водоводна и канализациона мрежа и друга инфраструктура, како и уредувањето на градот, населбите и влезовите на Охрид. Исто така се посочува дека во тек се проектите за изградба на хотел од брендот “Small Luxury hotels”, ски центар на Галичица, изградба на модерна марина, современ затворен пазар, како и проектите за изградба на затворени пливачки базен, фудбалски терен со вештачка трева и други.
-Да ве потсетиме и на намалените давачки за паркинг, активностите околу решавањето на проблемите со „дивите“ чекачи на туристи, за решавањето на наплатата на туристичката такса, за креативноста во водењето на туризмот со „Лето 2013“ и „Бела ноќ“ како и за мерките кои се презедоа во полза на хотелско – ресторанскиот еснаф. Дали и по ова, повторно ќе пласирате неиздржани и во најмала мера смешни соопштенија за јавноста во чија содржина верувате само вие? Дали и по ова ќе речете дека вакви сериозни проекти од различни сфери можат да се направат само во предизборен период?-стои во реакцијата на општина Охрид.
OhridNews