СДСМ- Охрид ја изобличува вистината, но фактите говорат дека сите улици во Охрид и патишта до најодалечените охридски села беа пробиени и проодни за сообраќај само неколку часа по невремето. Градоначалникот Никола Бакрачески како ниеден досегашен охридски градоначалник несебично се вклучи во чистењето на снегот и беше дел од конвојот за спас на завеаните охриѓани и патници кон превојот “Пресека“, се наведува во реакцијата од локалната самоуправа по дописот од ОО на СДСМ во врска со состојбата во Охрид по снежните врнежи.
– Официјалните податоци на СВР – Охрид , се јасен доказ дека по паѓањето на снегот во Охрид и неговата околина немаше ниту една сообраќајна незгода ниту прекин во нормалното одвивање на сообраќајот во градот и во селата, што е доволна потврда дека наводниот “сообраќаен метеж” и застој по охридските улици е само уште една конструкција на СДСМ- Охрид. Точно е дека во последниве 10 години во Охрид имало поголеми врнежи од снег, но исто така е факт дека во последните 10 години никогаш за време на снежни врнежи, температурата во градот не била 5 дена последователно под нулата, односно од -5 до -12 Ц степени . Но исто така е факт дека во истиот период во минатото, главните градски артерии па дури и улица “Туристичка“ сме ги виделе во многу полоша состојба , понечисти и затрупани со снег иако температурите на воздухот не биле под нулата, стои во реакцијата.
Општина Охрид изразува жалење што СДСМ- Охрид со денешното соопштение направил грев, односно директно се исмејувал и омаловажувал трудот на работно ангажираните лица од јавните претпријатија и општината кои на -12 степени, неуморно во три смени и во континуитет за време на празниците работеле на расчистување на снегот од улиците и тротоарите.
OhridNews