Координацијата помеѓу членовите на Советот на градски татковци и градоначалникот Никола Бакрачески, за важни теми од функционирањето на општината, е секојдневна.
Состаноците и средбите на ова тело се континуирани и во зависност од евидентираните приоритети се донесуваат заклучоци за натамошните чекори, кои понатака се процесуираат и спроведуваат, велат од локалната самоуправа во врска со дописот од општинската ВМРО- НП околу функционирањето на советот .
– Токму од Советот на Градски татковци произлезе иницијативата и операционализацијата за поддршка на Ракометниот Клуб “Охрид 2011”, финансиска поддршка на “Охридскиот пливачки маратон”, подобрувањето на понудата и корегирање на цените во хотелско-угостителските објекти во Охрид, изнаоѓање на модалитети на подобрување на високото образование. На ова советодавно економско тело се разгледуваше и се дискутираше иницијативата за изградба на ски-центар на Галичица, потенцираат од локалната самоуправа.
Оттаму додаваат дека во наредниот период членовите на советот на градски татковци ќе разгледуваат актуелни прашања поврзани со економскиот развој на општината, изградба на индустриска зона, производни капацитети и привлекување на странски инвестиции.
– Тоа се теми кои се разгледуваат и се носат заклучоци во Локалниот Економски Совет, а кои се во интерес на развојот на градот и подобрување на економските поерформанси на заедницата. Секое друго обвинување на оваа тема, го препознаваме само како нечиј обид за реализација на дневно- политичка агенда, се наведува во реакцијата од локалната самоуправа.
OhridNews