Општина Струга ќе го решава проблемот со кучињата скитници за која цел во новиот буџет за 2023 година се предвидени финансиски средства, информираат од општинската прес служба.

Во оваа насока, велат, денес беше одржана работна средба на градоначалникот Рамис Мерко со претставници од надлежните институции кои се занимаваат со овие прашања во насока на намалување на бројот на кучињата скитници и особено нивната агресивност кон луѓето.

Првата работа што ќе се направи ќе биде фаќањето на женските кучиња (кучки), потоа нивна стерилизација, што значително ќе влијае на наталитетот за најмалку 16 пати помалку. Следната активност ќе биде кастрација на машките кучиња и поставување на обетки или чипови за да се обележат како такви, некои од тие кучиња ќе останат изолирани додека нивната агресивност не се намали или целосно не се изгуби, додека дел од бројот на кучињата ќе се третираат според важечките закони, наведуваат во соопштението.

Воедно, упатуваат апел до сите сопственици на домашни кучиња кои ги пуштаат на улица или кои ги чуваат во својот имот, да го ограничат движењето на кучињата според утврдените правила, бидејќи во спротивно ќе се соочат со високи глоби.

Силно нагласуваме дека Општина Струга е многу сериозна во извршувањето на оваа задача и затоа успехот ќе биде непосреден. Апелираме и бараме од граѓаните доколку приметат дотур на на кучиња скитници од другите општини, да ги сликаат возилата (автомобили, комбиња, камиони) кои ги истоваруваат овие кучиња скитници и овие слики итно да се достават до општина или до полиција, потенцираат.

Општина Струга, додаваат, побарала од надлежните органи да дежураат 24/7 и да ја контролираат оваа состојба, а воедно и бараат спроведување на законските казни кои се многу високи. Посочуваат дека нема да толерираат никој што ги прекршува законите за заштита на животните и за здравјето на граѓаните.

OhridNews