Градоначалникот на Општина Струга Менди Ќура потпиша Меморандум за соработка со Стопанската комора на Северна Македонија, со кој се воспоставува институционална рамка за координирано дејствување во насока на економски, социјален и административен развој на локалната заедница.
Овој меморандум претставува значаен чекор кон унапредување на партнерството меѓу локалната самоуправа и бизнис-заедницата. Соработката е насочена кон повеќе приоритетни сегменти, меѓу кои поттикнување на локалниот економски развој, поддршка на малите и средни претпријатија, подобрување на деловната клима, олеснување на инвестициите и стимулирање на нови економски иницијативи, велат од Општина Струга.
Во рамки на меморандумот, посочуваат, се предвидува и организација на заеднички активности, размена на експертска поддршка и имплементација на проекти од заеднички интерес за заедницата и стопанството.
Општина Струга продолжува со јасна определба за градење отворени и конструктивни партнерства, со цел постигнување одржлив локален развој, економски напредок и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, додаваат.
OhridNews














