По серијата натписи на OhridNews за тешкотиите и проблемите со кои се соочуваат семејствата чии домови изгореа во пожар изминатата зима, Општина Охрид најави конкретна помош за санација на штетите.
-Согласно Одлуката на Советот на општина Охрид , која стапува на сила утре на 4 октомври 2013 година, а се однесува на извештајот и дополнувањето на извештајот за пожарите настанати во 2013 година, се создадоа законски услови за финансиска помош од Локалната самоуправа за санирање на опожарените објекти. Градоначалникот на општина Охрид Никола Бакрачески, на 19.06.2013 година формира комисија која имаше задача да ги посети опожарените објекти и да ја утврди материјалната штета, за да може да се утврди висината на средствата со кои Локалната самоуправа ќе помогне во санирањето на објектите. Комисијата на 28.06. 2013 година ги посети и ги утврди штетите на опожарените објекти на ул. „ Бистрица“ 43, сопственост на лицата Рушан Шемо, Али Шемо и Амзи Шемо, земјоделската штала на ул. „ Андреја Јованоска“ б.б која изгоре заедно со стоката, опожарените објекти на сопствениците Скендероски Петар, Михаилов Милчо, Дончо Србиноски и Димче Тоскоски , а утврдена и штетата во колективната стамбена зграда на „ Булевар Туристичка“, каде изгоре дел од електричната инсталација. – информираат од локалната самоуправа.
Помош од локалната самоупраца очекува и семејството Рустем чиј дом на ул. „Андон Дуков“ целосно изгоре во пожар.
Комисијата, како што соопшти локалната самоуправа, му препорачала на градоначалникот Бакрачески, по стапувањето на сила на одлуката на Советот на општина Охрид, да се закажат средби со сопствениците на опожарените објекти и врз основа на докази за досега вложените средства за санација, да се утврди висината на средствата кои како помош ќе им ги додели Локалната самоуправа.
Повеќе охридски семејства за кои пишуваше OhridNews, животот го минуваат од денес за утре без покрив над главата, откако нивните домови изгореа во пожар. Пожар неодамна предизвика сериозни проблеми и во колективна станбена зграда на бул. „Туристичка“ каде во санирање на штетите помогна локалната самоуправа. Карактеристика во речиси сите случаи е дека опожарените објекти не биле осигурани.
OhridNews