– Се трујат кучињата со силен нервен отров, кој претставува опасност и за луѓето. Се фрла во тревните површини каде често пати играат и деца, напоменуваат загрижените охриѓани, апелирајќи надлежните што поскоро да го решат проблемот со кучињата скитници, но со нивно хумано третирање, а не труење.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство, во текот на минатиот месец, согласно законот за благосостојба на животните, испратени се решенија до локалните самоуправи на сите општини, меѓу кои и општина Охрид, со кое се бара во рок од 60 дена општините да го решат проблемот со кучињата скитници, по пат на отворање на прифатилишта во кои тие би се третирале.
Неагресивните кучиња би се кастрирале и повторно враќале на улица, додека пак врз оние агресивните би се извршило успивање. Предвидена е и можност за нивно чување во прифатилиштата, со цел заинтересирани граѓани да можат да ги земаат и се грижат за нив.
Од ЈП Комуналец велат дека веќе имаат изготвено проект, за целосно решавање на овој сериозен проблем. Планирана е изградба на заеднички стационар и центар за азил на животните, во кој ќе учествуваат уште три општини од регионов- општините Струга, Вевчани и Дебрца.
При тоа, директорот на ЈП Комуналец, Сашо Алчев потенцира дека проблемот не би се решил доколку кучињата се стерилизираат и повторно се враќаат на улица, со што и понатаму тие би преставувале опасност за луѓето.
ЈП веќе има набавено опрема за заловување на животните, возило, а располага и со вработени кои посетувале обуки. Локацијата каде би се сместил стационарот е старата ветеринарна станица во Дебрца. Сега се чека само позитивен одговор од градоначалниците на Струга, Вевчани и Дебрца, од чија страна начелно дадена е согласност за заеднички третман на кучињата скитници.