Во иднина единиците на Локалната самоуправа ќе издаваат решенија за градба по електронски пат, најави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој денеска во Струга присуствуваше на советувањето за локалната администрација за имплементација на шест нови закони и измени на закони поврзани со транспорт и врски.

– Тоа е нешто ново кое се надеваме дека Македонија ќе ја направи лидер во оваа област не само на Балканот туку и во Европа. Овој закон е работен по примерот на Сингапур која е прва земја во светот која го применува ова решение. Софтверот веќе се работи и денес за прв пат го презентираме пред вработените во локалните самоуправи, изјави Јанакиески.

Електронски во иднина ќе се спроведува и продажбата на градежното земјиште, за што исто така е подготвен софтвер кој се наоѓа во ЗЕЛС.

На советувањето во Струга учествуваат околу 300 вработени во локалните
самоуправи кои дискутираат за новите законски решенија, кои, како што
нагласи претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје, Коце Трајановски, во голема мера
ќе ги поедностават процедурите и ќе им помогнат на општините да бидат
поефикасни.

-Голем дел од барањата на ЗЕЛС се вклопени во новите законски решенија. Таков е случајот и со законот за проценка, каде е прифатено вработените во општините да можат да вршат проценка, а не да се ангажираат надворешни проценители. Исто така имаме добра соработка и околу законот за јавна чистота. Овозможено е сите комунални редари во Македонија да имаат исти униформи, а што е ушпте поважно тие да можат да ги легитимираат прекршителите на законот за јавна чистота, што до сега не беше случај.-рече Трајановски.

На советувањето се разгледуваа и  законот за превоз на патници и законот
за легализација, за кој како што беше истакнато има многу дилеми, кои
се решаваат во соработка помеѓу ЗЕЛС и Министерството за транспорт и
врски.
Тие најавија дека и во иднина ќе се организираат вакви советувања, со цел да и се помогне на локалната администрација што подобро да ги имплементира новите законски решенија, односно граѓаните да добиваат поквалитетни и навремени услуги.

Г.М.