Општините играат значајна улога во промоција на енергетската ефикасност преку развивање и имплементирање на стратегии кои ја подобруваат енергетската ефикасност во објектите и активностите кои се во нивна надлежност. На тој начин, покрај финансиски заштеди, обезбедуваат одржлив развој и намалување на влијанието врз животната средина. Заради тоа на воведувањето на енергетска ефикасност не треба да се гледа исклучиво како законска обврска, туку како можност за долгорочен економски и одржлив развој. Ова беше речено на седмата од серијата работилници за претставување на резултатите од проектот на Светска банка „Промоција на енергетска ефикасност на општините во Македонија“, организирана од страна на Консалтинг за стратешки развој во соработка со  Агенцијата за енергетика на Република Македонија, којашто се одржа во Струга.

– Општинските администрации не секогаш располагаат со доволно човечки и временски капацитет за да можат подетално да се посветат на евидентирање на потрошувачката на енергија во сите објекти кои се во нивна надлежност: уличното осветлување, административните згради и другите сектори- се согласија присутните. Заради тоа, примерите и урнеците од документите изработени во рамки на проектот им се од голема помош и важност, за да можат полесно да предвидуваат мерки и проекти за енергетска ефикасност. Понатаму, преку своите примери, општините можат да бидат предводници во подобрувањето на енергетската ефикасност, давајќи им поттик и мотивирајќи ги приватниот сектор и другите засегнати страни да го следат примерот, беше наведено на работилницата.

Во изминатите 18 месеци, преку грант финансиран од Светска банка, осум општини во Република Македонија (Радовиш, Старо Нагоричане, Новаци, Кавадарци, Пехчево, Брвеница, Лозово и Росоман) добија техничка помош за изработка на документи кои играат значајна улога за воведување на енергетската ефикасност во општините (програми, акциски планови, предфизибилити студии итн.).

OhridNews