Предлог Одлука за усвојување на извештајот и завршната сметка на буџетот на општина Охрид за 2013 година, која беше усвоена на денешната седница на Советот, е неприфатлива за опозициските советници.
Според опозицијата извештајот бил неприфатлив затоа што низ него провејувале политички квалификации од типот дека до април 2013 година се работело незаконски и дека со доаѓањето на новата власт почнало да се работи законски.
-Тоа не можеме да ги прифатиме затоа што ако 8 години се работело незаконски, со виртуелни пари како што вели градската власт, тогаш каде биле осум години централните органи на државата. Каде биле Централен регистар, Финансиската полиција, Министерството за финансии, УЈП, да реагираат на ваквите наводно незаконски дејства, вели Томислав Тунтев, координатор на советничката група на СДСМ.
Тој нагласи дека во извештајот воопшто не е споменат ребалансот на општинскиот буџет на 30-ти јуни минатата година, кога опозицијата се изјасни дека е против носењето нови развојни програми среде година.
– Нашиот став беше дека развојните програми треба да претрпат измени и дополнувања. Исто така, да не се врши ребаланс на буџетот затоа што тогаш од 790 милиони денари, беше проектиран на 1 милијарда и 200 милиони денари, што беше енормно подигнување на буџетот. Ние тогаш бевме против таквиот ребаланс знаејќи дека е нереално остварлив. Тоа се потврди со вториот ребаланс на 15-ти ноември кога повторно беше вратен од 984 милиони денари на 794 милиони денари, потенцираше Тунтев.
Според секретарот на Општина Охрид, Димитар Спасески опозицијата го отвара ова прашање од манипулативни причини.
-Стручните служби на Општина Охрид извештајот го имаа изготвено со појдовниот буџет и со последниот ребаланс, за да може советниците да направат одредени споредбени податоци. На инсистирање на советничката група на СДСМ и тој ребаланс е вклучен и е составен дел од извештајот, така што се разбира дека буџетот е реализиран во планираната мера, а она што е особено интересно е тоа што опозицијата се обиде да го занемари е начинот на реализиција на приходите во буџетот, истакна Спасески.
Тој нагласи дека по доаѓањето на градоначалникот Бакрачески на функција, во Општина Охрид и Јавните препријатија е забрането плаќање преку цесии, компензации и асигнации кои што виртуелно го полнеле буџетот на градот.
– За жал од таквото работење, Охрид добивал само нови долгови. Од април месец па навака буџетот се полни исклучиво од реални показатели. Така што овие бројки кои се прикажани во извештајот од април до декември се реални пари, кои се остварени, појасни Спасески.
Според него обвинувањата на опозицијата апсолутно не држат бидејќи иако оваа локална власт го наследила градот во максимално лоша финансиска состојба, во изминатиов период Општина Охрид не се задолжила ниту едно евро.
OhridNews











