Под мотото „Биди херој, укажи прва помош“ во сабота Црвен крст Охрид во периодот од 9-15 часот ќе го организира 49-ти по ред Општински натпревар по прва помош.

Правилното укажување прва помош при несреќи кои се случувате секојдневно и насекаде: во домот, на улица, на училиште, на работното место, на игралиште, во природа и каде ли уште не, значи спасување човечки живот. На натпреварот, стекнатите знаења и техники за укажување на прва помош ќе ги покажат повеќе од 200 ученици натпреварувачи од сите основни и средни училишта од Охрид и Дебрца, организирани во екипи во категорија подмладок и категорија младина, велат од Црвен крст Охрид.

И оваа година, додаваат, на општинскиот натпревар ќе се применуваат критериуми и стандарди кои се споделуваат при одржување на европски натпревари по прва помош.

Во таа насока натпреварувачите, но и посетителите на оваа манифестација на повеќе пунктови низ град Охрид, почнувајќи од плоштадот Св. Климет Охридски, продолжувајќи по градскиот кеј, ќе бидат сведоци на симулирани реални случки на несреќи изведени од членови на актерските групи од Црвен крст Охрид, како и реалистички приказ на повреди, подготвени од посебно обучени шминкери за повреди на Црвен крст Охрид, потенцираат.

За регуларноста и оценувањето на натпреварачите, велат, ќе се грижат 15 судии за прва помош на Црвен крст Охрид.

Присутните наши сограѓани ќе имаат можност да видат и доколку сакаат, научат како правилно се укажува прва помош и да добијат бесплатни совети од инструкторите за прва помош, истакнуваат од Црвен крст Охрид.

OhridNews

фото. Архива