Во просториите на општинскиот Црвен крст денес се одбележа 5- ти декември, Светскиот ден на волонтеризмот.
Охридската организација, која има над 1000 волонтери се вбројува меѓу организациите во земјава со најголем број , поради што годинава го доби и признанието за особени заслуги за спроведување на волонтерските практики.
– Од вкупно 5000 активни волонтери во Македонија, во нашата организација се ангажирани 1000. Работаат на различни проблематики и даваат нешто многу повеќе од што е вредноста на парите, а тоа е нивното слободно време, својата стручност и професионалност, се со цел да им се помогне на ранливите категории на луѓе. Тоа е и дефиницијата на волонтерството- давање на услуги кои се инспирирани единствено од својата желба да се помогне, а не од материјална корист или интерес, вели претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.
Општинскиот Црвен крст денес го означи и почетокот на хуманитарната продажба на уникатни оригами новогодишни украси од хартија, во чија изработка се вклучени 70 волонтери од Охрид на возраст од 7 до 70 години.
– Во рамки на наштите работилници изработени се голем број оригами украсни предмети кои од денес ќе можат да се набават по прифатливи цени . Се надеваме дека компаниите и поединците ќе покажат голем интерес и ќе купат од изработените предмети со што ќе се соберат средства наменети за граѓаните на кои помошта им е неопходна, изјави Наташа Алексиќ.
Во светски рамки, Црвениот крст е најголема волонтерска организација со над 120 милиони волонтери , а на европски рамки 7 од 10 луѓе се волонтери.
Т.К.