Охридските општински инспектори од наредната седмица, во пресрет на туристичката сезона ќе започнат да работат во три смени, за да може да ги реализираат акциите за мерење на бучавоста и да ги контролираат тезгите и урбаната опрема.
Од Општина Охрид информираат дека инспекторите во текот на претходниот период непрекинато работеле во две смени, без да се задржуваат непотребно во канцелариите и да го трошат работното време непродуктивно.
-Во канцелариите на Инспекторатот единствено престојува едно лице кое е архивар кој секогаш е присутен таму, бидејќи таква е природата на неговата работа, додека двајцата градежни инспектори, двајцата инспектори за животна средина и двајцата даночни инспектори, како и комуналниот инспектор и десетте комунални редари се постојано на терен и вршат контроли согласно нивните ингеренции, информираат од Општина Охрид.
Од таму додаваат дека годинава станува се поочигледна ефикасноста на работата на Инспекторатот, кој покрај тоа што со своето дејствување на терен придонесе за редот и уреденоста во центарот на градот како и намалување на бројот на субјекти кои ги узурпираа јавните површини. Исто така инспекторатот придонел и за значително подобрување на наплатата на давачките кон општината.
OhridNews