Витор Мартинс (43) со сопругата Ана Карваљо (40) и нивните две деца Витор (12) и Педро (5) се среќно семејство од прекрасното село Вила Нова де Појарес, во близина на Коимбра, Португалија. Сопружниците се оптичари по професија и хуманитарци кои доставуваат очила насекаде низ светот на лица на кои тоа им е најпотребно.
Деновиве тие престојуваат во Охрид, а со ова патување тие стигнаа до 70 посетени земји.
Првата хуманитарна мисија им била во Сао Томе и Принципе, следувал Перу, а потоа Зеленортските Острови. Охрид им е четврта солидарна мисија во која се поврзале со локални жители, за помошта да ја достават во вистински раце. Исконтактирале со Наумка Кузеска, која ги поврзала со Димче Каневче кој се впуштил во потрага по лица со реални потреби. Следеле офталмолошки консултации, по што тој им испратил фотографии и рецепт за потребната помош.
Со помош на „Mundo by maxivisão“ и „JackNoble“ ги добивме рамките. За леќите помогна „Карл Цајс“, брендот кој ги измисли офталмолошките леќи и најдобриот бренд на очни леќи во светот. Следеше доаѓање во Охрид, прекрасно место кое не пречека исклучително добро. Очилата ги доставивме до лица со ретки болести и сериозни потешкотии, вкупно 20 очила. – велат Витор Мартинс и Ана Карваљо.

Сакаме да се заблагодариме за целото гостопримство и љубезност кон нас, особено на сите вклучени во оваа мисија. Македонија засекогаш ќе остане во нашите срца. – додаваат хуманите португалци Витор и Ана.

OhridNews












