ГРК Охрид оваа сезона има големи амбиции во ЕХФ Европскиот куп и едвај го чекаме двомечот со Баки претстојниот викенд во кој влегуваме максимално мотивирани. Ова на прес конференција денеска го истакна тренерот на ГРК Охрид Борис Ројевиќ, додавајќи дека екипата е подготвена за европскиот предизвик.
Баки може да се каже е непозната екипа за нас. Имаме одреден материјал според кој ги подготвуваме натпреварите. Момците сигурно ќе бидат на високо ниво, ќе бидат мотивирани и очекувам уште во првиот меч да го решиме патникот во следното коло, изјави Ројевиќ.
Тој смета дека Охрид е подобар тим во моментов, а клучот на успехот го гледа во добрата одбрана.
Работиме добро, се разбира ќе ни треба уште некое време време да легне се што правиме овие два месеци, не оди ништо брзо, но од тренинг до тренинг и од натпревар во натпревар се гледа напредок, додаде тој.
Пивотменот Иван Тасески вели дека атмосферата во екипата е одлична, а со помош на „Рибари“ Охрид ќе стигне до посакуваната цел во дуелот со Баки.
Играчите кои го засилија Охрид оваа сезона се добри момци. Има добра хемија во екипата. Се подготвуваме добро за секој натпревар, исто така и за мечот со Баки и очекувам уште на првиот натпревар да го решиме прашањето на победникот, рече Тасески
Ројевиќ и Тасески ги повикаа охриѓани и навивачите да дојдат во што поголем број да го бодрат Охрид во мечевите со Баки, а „гладијаторите“ ќе им се оддолжат со добра игра и победа.
Натпреварите помеѓу Охрид и Баки од 2 коло од ЕХФ Европскиот куп се играат на 11 и 12 октомври во салата „Билјанини извори“, со почеток во 18 часот. Вратите на салата се отвораат два часа порано (16:00 ч.) кога со работа почнува и фан-шопот на ГРК Охрид.
Г.М.
Фото: А. Момироска