Претседателот Стево Пендаровски, денеска, прими претставници на организациониот тим на меѓународниот спортски настан Охрид Ултра-Треил 2021.

Организаторите истакнаа дека овој спортски настан, којшто се фокусира на одржливо користење на постоечки планинарски патеки и шумски патишта во границите на националниот парк Галичица, е од исклучително значење за развој на туризмот. Но и дека истовремено ќе ги поттикне и останатите дејности да ги промовираат своите услуги на учесниците и на туристите.

Претседателот Пендаровски изрази поддршка за Охрид Ултра-Треил 2021, посочувајќи дека покрај спортската димензија, истиот придонесува за меѓународна промоција на природните, културните и историските вредности на националниот парк Галичица и на градот Охрид.

Потврдувајќи ја заложбата за афирмација на сите спортски активности во земјава, како важен фактор во градењето на здраво општество, претседателот Пендаровски истакна дека Охрид Ултра-Треил 2021 има потенцијал да ги вклучи и да ги обедини сите сегменти на општеството, дури и во услови на глобалната пандемија на Ковид-19.

Исто така, претседателот Пендаровски изрази надеж дека пандемијата набрзо ќе стивне и дека овој меѓународен спортски настан ќе се одржи согласно предвидената програма, според која треба да учествуваат над 400 спортисти од 30 земји.

Охрид Ултра-Треил ќе се одржи трета година по ред во националниот парк Галичица и преспанско-охридскиот регион. Ова издание во планинско ултра-трчање, коешто треба да се одржи од 14 до 16 мај следната година, опфаќа 4 трки со дистанци од 107км, 66км, 40км и 20км.

OhridNews