Со смели чекори и забрзано темпо, ресторанот „Канео“ се пробива кон целта-да се биде еден од најпознатите и најуспешни во регионот, ресторан кој нуди квалитетна, оригинална, препознатлива храна подготвена со локални производи и со многу љубов и креативност.

Дуото шеф на кујна Влатко Огненовски и Елена Каневчева Христовска најавуваат бројни изненадувања и специјалитети за новата сезона кои ќе го задоволат вкусот и на најпребирливите гурмани.

  • Идеолошката стратегија на нашиот ресторан „Канео“ веќе две сезони се покажа оправдана во смисла на провоцирање на елитен туризам во нашиот бисер Охрид. Веќе втора сезона испративме презадоволни странски гости кои го потврдија нашиот квалитет преку социјалните мрежи. Со воведувањето на модерна македонска кујна на нашата кулинарска сцена Охрид ќе си го добие своето место кое го заслужува, со врвни локални производи и нивно приготвување со софистицирани техники на готвење, потенцираат Огненовски и Каневчева.

Новото мени веќе е подготвено. На него се нови вкусни јадења и десерти, но остануваат и оние кои се најбарани во изминатите сезони и се препознатливи за ресторанот.

  • Новите кулинарски достигнувања ќе ги воодушеват не само охриѓани, гостите од целата држава, туку и странските гости. Треба да истраеме во ставот-да се произведува квалитетно и правилно да се презентира. Оваа година во „Канео“ ќе воведеме и Крио готвење, со екстремно ниски температури, што ќе се изведува пред самите гости од страна на шеф Огненовски, најавува Каневчева.

Винската карта ќе се надополнува постојано со нови вина од регионот. Како и до сега, на гостите ќе им бидат презентирани од страна на вработените кои имаат врвни познавања за различните видови вина кои се нудат во ресторан „Канео“.

  • Гостите се презадоволни, прво се изненадени бидејќи доаѓајќи на Балканот не очекуваат толку квалитетна храна. Пријатно се изненадени, постојано има позитивни коментари. Има гости кои во текот на нивниот седумдневен престој во Охрид, во нашиот ресторан доаѓаат најмалку 4 дена, вели Алмир Рахимоски, вработен во ресторанот.

Успешната приказна на ресторан „Канео“ продолжува. Можеби наскоро ќе се закити и со некоја Мишелин ѕвезда и со тоа и официјално ќе се вброи меѓу најдобрите кујни во светот, бидејќи менаџерскиот тим на овој охридски ресторан има информации дека нивниот објект веќе го посетиле инспектори на Мишелин.

На задоволство на гостите во  „Канео“, за наредниот период се најавуваат посети од светски познати шефови на кујна.

Љубителите на добра храна и вино имаат можност да го посетат ресторанот во текот на целата седмица и да уживаат во прекрасниот и неповторлив амбиент покрај црквата Св. Јован Канео, одличната храна, вино и беспрекорна услуга.

Тања Кувенџиска