Црногорката Нада Тодоровиќ, по убаво ќе го памети осмомомартовскиот викенд во Охрид. Таа беше најсреќна во групата туристи кои утрово го посетија Музејот на вода во Градиште и го пронајде бисерниот ѓердан кој беше сокриен во една од колибите на наколното живеалиште во Заливот на коските.

-Охридскиот бисер ми е многу добро познат. Во Охрид бев пред 25 години и тогаш сопругот ми подари бисер. Денеска сум пријатно и убаво изненадена од тоа што ни го приредија нашите домаќини во Охрид.-изјави Нада Тодоровиќ.

Идејата која веќе три години е вистинска туристичка атракција во Охрид е на Михаил Филев од познатото семејство Филеви кое веќе еден век изработува оригинален охридски бисер и туристичкиот водич Љупчо Јузмески.

-Идејата произлезе пред неколку години од кафе пиење со Михаил Филев, кој предложи да се направи игра „Побарајте го бисерот“ во Музејот на вода. Тука знаеме дека под платформата ја има плашицата која е поврзана со изработката на охридскиот бисер, а исто така е можност да се раскаже една убава туристичка приказна.-изјави туристичкиот водич Љупчо Јузмески.

Оваа интересна традиција се практикува веќе три години, а денешната добитничка на накит од охридски бисер е јубилејна стота. Покрај неа, по повод 8-ми март по еден бисер добија и другите жени од групата туристи кои денеска го посетија Музејот на вода.

-Се работи за тесна поврзаност на сите кои сме инволвирани во презентирање на културата на Македонија, а насмевката на туристот е најголема реклама и најголема промоција да имаме идни гости и секако афирмација на културните вредности.-истакна Михаил Филев.

Што се однесува до побарувачката на охридски бисер за празникот на жената, Филев рече дека денес за разлика од порано помалку се купуваат подароци за 8-ми март.

– Веројатно тоа се должи на промената на општествениот систем. Би рекол во бившата Југославија беше позачестено купувањето на осмомартовските подароци но сега не е толку. Дали жената се избори за своите права и не е потребно на тој ден да се дава толкаво значење, бидејќи нормално таа треба да се почитува секогаш, е прашање, но подарокот останува како едно внимание.-додаде Филев.

Претставникот на туристичката агенција „Ин травел“ од Подгорица, Снежана Влаховиќ, се заблагодари на гостопримството, посочувајќи дека тоа е причина што тие веќе една деценија редовно носат гости од Црна Гора на охридското крајбрежје.

Гостољубливоста, професионализмот и квалитетот е тоа што нашите групи редовно ги привлекува Охрид.-рече Влаховиќ.

Г. Момироски