Компанијата „ОРКА ХОЛДИНГ“ од денес ја презема медиумската групација Медиа Принт Македонија, од Австриската компанија „Ост Холдинг“, членка на ЊАЗ групацијата. Дел на групацијата Медиа Принт Македонија се друштвата „Круг“, „Огледало“ и „Планет прес“, како и печатницата „Графички Центар Скопје“.

ВАЦ групацијата влезе на македонскиот медиумски пазар во 2003 година, кога презеде мнозински удели во трите дневни весници: „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“.

– Ова што денес претставува „Дневник“, „Вест“, „Утрински весник“, „Теа модерна“ и „Графички центар“ е резултат на долгогодишно залагање во целокупниот тим на Медиа Принт Македонија. Токму затоа, преземањето на една моќна медиумска групација, за мене подеднакво значи дополнителен предизвик за одржување и надминување на досегашните успеси, како и обврска за континуирано вложување и креирање нови современи канали на известување и информирање на македонската јавност, изјави на прес конференција по потпишување на договорот за преземање на групацијата, Јордан Камчев, главен извршен директор на Орка Холдинг.

Од Орка Холдинг, како нов сопственик, најавуваат стратешки определби и развојни планови за МПМ во насока на подигнување на квалитетот и одржување на стабилна позиција на пазарот на трите најтиражни дневни весници во Македонија и семејниот магазин „Теа модерна“, вложувањето во нови новинарски продукти, задржување на постоечкиот кадар и негово проширување со цел да се одговори на потребите за современ начин на информирање.

OhridNews