Оштетена е една од рампите за жетони на влезот од паркингот во централното градско подрачје. Според првичните информации на полицијата, најверојатно се работи за сообраќајна несреќа.
На местото на настанот увид изврши полицијата, а при обид да го документираат настанот вербално биле нападнати дописничките на Канал 5 и на весникот Вечер, Соња Рилкоска и Сузана Вренцоска. Кога се обидела да ја фотографира случката новинарката Вренцоска била физички нападната од лице во толпата присутна на местото на настанот.
Полицијата привела повеќе лица инволвирани во немилиот настан и работи на расветлување на случајот.
Охридската медиумска заедница најостро го осуди инцидентот и попречувањето на новинарите при професионално вршење на задача.
„Здружението на новинари на Македонија – Регионална канцеларија Охрид, го осудува секој вид на попречување на новинарите во вршење на професионалните задачи. Оттука, ЗНМ најостро реагира на вербалните и физички напади врз новинари при обид да документираат настан, каде се врши службен увид од страна на надлежна институција.
За ЗНМ е неприфатливо новинарите да бидат изложени на притисоци и закани при вршење на својата работа.
ЗНМ – Регионална канцеларија Охрид, бара надлежните институции целосно да го расветлат инцидентот и согласно законот да ги преземат сите неопходни мерки за заштита на новинарите при извршување на професионални задачи.
ЗНМ – Регионална канцеларија Охрид, како и секогаш, апелира до новинарите во извествувањето да ги почитуваат етичките норми и принципи за професионално информирање, а сите кои сметаат дека постои прекршување на законот или Кодексот на новинарите, ги охрабрува да поднесат претставка до Советот на честа на ЗНМ, или случајот да го проследат до надлежните институции.“- стои во реакцијата на Здружението на новинари на Македонија – Регионална канцеларија Охрид.