Денес е 8ми-Март. Денот за храбрите жени. За сите жени, посебно за најстарите баби што се бореа за нашите права и можности. За најстарите што овозможија да сме сега овде, за тоа што сме, што ни пружија живот и не направија луѓе на прав пат.

Голема почит до нашите баби. Тие непроценливи. Вредни. Многу повредни од злато и дијаманти. Бабите се присутни, но и невидливи сили. Баба е увото што слуша. За проблеми баба ти е главен советник. Бабите македонски имаат мислење за се. Тие не се само баби кои на пазар продаваат компири, пиперки, ѓомлезе, праски, цреши и кромид. Бабите се „спремни“. Со факти, мисли и теории свои. Од локална, државна до светска политика. Бабите имаат преживеано секакви војни, кризи, влади, протести, демонстрации. Се им е поминато пред очи. И повторно. Дупло потешко. Со децении. Бабите не се предаваат. Како бетонски блок неможе никаква револуција да ги унишити и премисли.

Нашата баба Митра вчера си замина. Кај дедо. Вечно сега таму ќе бидат заедно. Тажен ден. До крај се бореше. После секакви болки и маки на 82 години ја пушти душата. Тука ни си вечна. Погребот ти е на 8-ми Март. На денот на жената. Жената е денес сонцето, во центарот на вниманието. Ама сопругите, мајките и специфично бабите се секој ден главни во нашиот живот. Мила баба Митра ни недостасуваш. Имаме солзи ама на овој денешен ден исто го славиме твојот живот. За сите други баби.

Не кликнувај на Google, прашај ја Баба. Добиваш одма одговор. Бабите се експерти за се. За бизнис, економија, за филмови, турски, шпански и индиски серии, за уметници, за Доналд Трумп, Путин, Северна Кореа, за екологија, Европска Унија, кинески кредити, туризам, гастрономија, името, знамето, платформи, адвокатура, новинарство, бисери и ветувања од градоначалници.

Бабите се директни и остри за било што. Бабите што повеќе стареат, што повеќе стануваат „досадни“, се мешаат во се. И за се имаат коментар. На моменти мислиме: ах, баби, тресат глупости. После некое време ќе си заклучиме: баба беше во право.

Одбегнуваме да не гушкаат. Баба стара не мириса убаво и свежо. Но, трпиме и дозволуваме да не бакнува колку што сака. Бабите се мислат за секого во семејството. Баба дава скришно педесет денари, од скромната пензија од дедо. Баба знае прва во кого си заљубена. Баба те брани кога тато и мама ќе дознаат дека си скитала до доцни ноќни часови. Баба Митра беше како многу баби, мила, вредна, добра, живеена мачно, отепана од работа, сакана, почитувана, „спремна“. Израсна цела мала деца, генерации различни од сите блиски и комшии. Кај баба Митра вратата секогаш беше отворена за секого. Зима, лето. Време, невреме. На топла ракија, чај, сокче. На муабет, онака на кафе, цигарче, типично релаксирање. Или на јадење. Празе испржено со свинско месо и црвени суви пиперки. Со селско лепче. Автентичен домашен деликатес. Баба е тука за стари навики, стари приказни, за смешки, за смирување на ситуации, за пренесување, заштитување на домашни и македонски обичаи. Бабите се темелот на секој дом. Од кога не ќе се повеќе тука тогаш ќе се замислиме и ќе сфатиме колку ни се вечно потребни. 

Пред дваесет години кога се запознав прв пат со нејзината внука, следниот ден се јавив на домашен телефон. Таа ја крена слушалката. Во тие кратки секунди прв пат имавме контакт. Како подарок од господ знаевме преку звукот и гласовите наши дека се е и ќе биде добро. И така испадна. 

Чао баба Митра. Лесен живот таму горе. Ти благодариме за се.

И честит 8-ми Март!

Влатко
Амстердам

*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите