По повод 8 март, Денот на жената, во организација на НУ „Охридско лето“ ќе се одржи концерт на популарното Трио „Џентлмен“, музички состав од тројца професионални оперски пејачи, Дејан Стоев-тенор, Кристијан Антовски-баритон и Јане Дунимаглоски-тенор кои имаат посебна специфика во нивната изведба како модерна уметничко- сценска атракција.
Концертот, кој ќе се одржи денес во црквата „Света Софија“ во Охрид со почеток од 19 часот ќе биде посветен на припадничките на понежниот пол, велат организаторите.
Она што претходно го најавивме, дека „Охридско лето“ нема само да биде во рамките на 40 дена, сега го реализираме. По успешниот новогодишен концерт сега реализираме осмомартовски, како подарок за сите припаднички на понежниот пол. Сакаме врвната култура да живее преку цела година со што од една страна го афирмираме Фестивалот, а од друга страна и Охрид како град и државата во целина. Нудиме квалитет, а тоа го препознава нашата верна публика, вели директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.
По урнекот на светските поп-класични состави, Трио „Џентлмен“ се трудат тој жанр на пеење за прв пат да го презентираат и на нашите простори. На нивниот репертоар освен класичните композиции се наоѓаат и најголемите светски поп хитови изведени во поп-класичен манир, наполитански канцони, шпански песни и секако македонското творештво.
OhridNews