Голем број жени од земјава зедоа учество на традиционалниот Осмомартовски марш, што под мотото „Ти си ТАА промена – Заедно за Македонија!“ во Охрид го организираше Форумот на жени на СДСМ.
Маршот кој се одржа два дена пред празникот на жената, започна околу пладне кај Спортскиот центар „Билјанини извори“, продолжи по булеварот „Туристичка“, низ чаршијата и заврши на плоштадот „Св. Климент Охридски“, каде свои обраќања имаа Цветанка Ласкова- координаторка на Форумот на жени на СДСМ, Оливер Спасовски- генерален секретар на СДСМ, Радмила Шекеринска- заменик претседател на СДСМ и лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Обраќајќи се пред прустните претседателот на СДСМ Зоран Заев најави сет мерки за подобрување на правата на жената доколку партијата дојде на власт. Една од нив е воведување регистар за прекувремени работни часови кој ќе биде поврзан со УЈП.
-Работоавачите не ќе можат повеќе да ги кријат прекувремените часови, ќе мора да ви ги платат, секој правен субјект ќе мора да има синдикат којшто ќе ги штити правата на работниците. Ќе ги обезбедиме сите потребни заштитни механизми за да спречиме какво било насилство врз жените, ќе обезбедиме државна поддршка за зголемување на бројот на жени претприемачи, ќе овозможиме вработувања на жените во руралните средини и поддршка на жените фармери. – рече Заев.
Тој најави изградба на поголем број детски градинки и воведување втора смена во градинките за да им се олесни на мајките кои работат во две смени. Вети воведување на флексибилно работно време за мајките со мали деца и гарантирано враќање на исто работно место после породувањето, како и унапредување на законодавството со дополнителна заштита на бремените жени работнички.
-За жените работнички со навршени 57 години старост ќе овозможиме да добијат неполно работно време од шест часа до навршување на 60 години старост со целосна плата. За жените работнички со 60 годишна старост ќе овозможиме да добијат работно време од 4 часа до исполнување на условот за пензија со задржување на целата плата.- истакна Заев.
Претседателот на СДСМ најави дека институциите ќе работат до 20 часот во две смени што на вработените ќе им го олесни извршувањето на приватните и службените обврски, како и воведување на бесплатен сервис за помош на еднородителски семејства и самохрани родители.
Заменик претседателот на СДСМ Радмила Шеќеринска во својот говор повика на промени во земјата, обвинувајќи ја власта за злоупотреби за кои, како што рече, граѓаните се се’ повеќе свесни.
-Почитувани пријателки се надевам дека проверивте колку непознати луѓе стојат на вашата адреса, се надевам дека проверивте колу доселени фантоми или непознати се доселени во нашето и ваше соседство. Таа вистина којашто ја слушавме во изминатите 12 и повеќе месеци отвори очи на илјадници луѓе низ Македонија, покажа не само дека го краделе буџетот, туку дека го краделе вашиот глас, земале од вашата слобода, посегнале од вашите права и затоа ова се избори на кои ќе кажеме стоп на тоа едно семејство и една група да бидат господари на животот на секоја жена и маж во Македонија. – рече Шеќеринска.
Генералниот секретар на СДСМ Оливер Спасовски истакна дека денеска жените во Македонија се обединуваат заради тоа што сакаат да обезбедат егзистенција на нивните семејства и заради тоа што мора повторно да се борат за работничките права уништени во изминатите 9 години.
-Се обединуваат за да го стопираат иселувањето на младтите, на синовите и ќерките, за да понудат поинаква перспектива на оваа држава и идните генерации, се обединуваат за повеќе права, правда за сите, а не само за поединци, за правда за Македонија, а не само за партиските војници. – рече Спасовски, додавајќи дека на претстојните избори граѓаните ќе избираат помеѓу Груевски и Ахмети и нивниот криминал од една страна и концептот на правда, еднаквост и иднината за Македонија од друга страна.
Цветанка Ласкова, координатор на Форумот на жени на СДСМ во својот говор се задржа на напорите за рамноправен статус на жената во Македонија.
-Ние сме тие што се изборивме за 40 отсто застапеност на жената во сите партиски органи и тела поддржани од нашите сопартијци на што им благодариме. Денес успеавме таа промена да ја внесеме во изборниот законик со што направивме историски исчекор за сите жени во Република Македонија. Одлучно и цврсто се бориме против насилството, нашата борба продолжува за еднакви плати на мажите и жените, за заштита на правата на работничките, за подобра здравствена заштита на жените, за живот и подобра работа на нашите деца овде покрај нас. – порача Ласкова.
Осмомартовскиот марш на Форумот на жени на СДСМ мина во мирна атмосфера и без инциденти.
Г.М.
ФОТО ГАЛЕРИЈА:
Осмомартовски марш на жените на СДСМ во Охрид