Младински Совет Охрид, во рамки на програмата за промоција на позитивни вредности, реализира работилница на тема „ Креирање на позитивни вредности“, со која беа опфатени 35 ученици, на возраст од 14 години, од сите основни училишта во Охрид, Лескоец, Велгошти и Пештани.

Од МСО потенцираат дека целта на креативната работилница е да се дефинираат позитивните вредности кои на учениците би им дале насока за правилно функционирање и развој на нивната личност.

– Преку активности за истакнување на она што им е најзначајно во животот, учесниците учеа за идентитетот како чувство за сопственото ЈАС и промените кои се случуваат, свесноста за нивните потреби и чувства, доживувања и односите со другите луѓе, како и сопствените отпори, очекувања и вредности. Преку осознавање за поимот идентитет и негово прифаќање, беше разговарано за начинот на кој во текот на животот низ процесот на социјализација, се усвојуваат многу вредности, објаснуваат од МСО.

Во рамки на работилницата, со цел да се креираат позитивните вредности, учениците индивидуално работеа на истакнување на 5 значајни карактеристики на пријател на кој му веруваат, а потоа секој ученик пред целата група ги наведуваше тие карактеристики. На учесниците им била дадена и задача да забележат колку кај себе ги поседуваат истите карактеристики.

– Учесниците истакнаа дека вредностите кои ги бараме кај другите во најголем дел и ги поседуваме во нас, меѓутоа е значајно кога ги негуваме позитивните карактеристики бидејќи тие им овозможуваат правилно развивање. Исто така учесниците станаа и свесни дека вредностите кои ги излиставме се вредности кои тие најмногу ги почитуваат и кога ги поседуваат, тогаш добиваат пријатели, а ги губат кога пројавуваат спротивни вредности на овие. Тогаш кога се трудат да ги стекнат позитивните карактеристики со желба да ги развиваат во голема мера и да ги негуваат, без да бидат притиснати од семејството и средината и општеството, осознаваат дека таквите вредности имаат огромно значење во нивниот живот, велат од МСО.

OhridNews