Таблите се веќе поставени, па така дел од учениците, денес, имаа можност да ги испробаат и да решат по некоја задача.
– Многу ни се допаѓа таблата која досега имавме можност да ја видиме само на интернет. Работењето е едноставно и практично, како кога работиме на компјутер, вели осмоодделенецот Мариан Димитриески од ОУ „Братство и единство“.
На распишаниот конкурс од министерството за образование за доделување на интерактивните табли, беа пријавени вкупно 126 основни и средни училишта од земјава, но само на половина од нив, односно на 66 им беа доделени табли.
Како што објаснува Марија Пупинова- Гогова, професор во ОУ „Братство и единство“, критериуми за доделување на таблите бил бројот на реализирани обуки за наставниците, опременост на кабинетите по информатика, како и бројот на освоени награди по компјутерска и информациска технологија.
– Нашето училиште има освоено доста награди од оваа област и заслужено ни беше доделена таблата. Предностите од нејзината употреба се бројни, како за учениците, така и за професорите. Најголема предност е што овој софтвер е прилагоден за три оперативни системи, па така зависно каков компјутер има наставникот, може софтверот да си го инсталира дома, да си го подготви часот и како фајл да го прикаже на таблата и одржи часот, вели Пупинова- Гогова.
Втората интерактивна табла од страна на министерството за образование е доделена во ОУ „Христо Узунов“, од каде исто така можат да се пофалат со бројни освоени награди по информатика и учества на обуки.
Како што објаснува директорката Дијана Јулоска, интерактивната табла ќе може да ја користат сите наставници и ученици во училиштето. Дел од наставничкиот кадар присуствувал на првиот дел од обуката за користење на интерактивните табли. Кон крајот на неделава следува и втор дел од обуката, наменет за останатите наставници во двете охридски училишта.











