Македонската ракометна репрезентација со една победа и два порази во групата заврши на 15-та позиција на Европското првенство. Селекторот на Македонија Данило Брестовац не е задоволен од пласманот, но смета дека репрезентацијата не потфрлила. Исто така тој најави дека оставка не е опција, туку останување на кормилото на селекцијата која има најмногу учества на големи натпреварувања.

Не би требало да заминам сега во оваа ситуација. Имам договор уште три години и само што го започнавме процесот на подмладување. Имавме одредени проблеми во репрезентацијата и знаевме дека ќе биде тешко. Не сум задоволен од постигнатото, мислам дека можевме да направиме уште еден чекор напред. Според мене не потфрливме, кога ќе се направи преглед на одиграното и квалитетот на репрезентацијата. – изјави Брестовац на гостувањето во Телма.

 

Селекторот додаде дека повредата на Велко Маркоски на неколку денови пред почетокот на ЕП влијаела на играта во одбраната и изборот на играчи.

Повредата на Велко Марковски не натера да ја промениме одбраната. Тешко е да се направи тоа на само неколку дена од почеток на Европско првенство. На неговото место влезе Никола Маркоски, а дефанзивна улога добија и Талески, Кузмановски и останавме со Стоилов да го користиме на двете страни од играта. – истакна Брестовац.

Предводникот на Македонија откри како ги одбрал играчите и зошто на списокот не се нашле пивотменот Костадион Петров, Дарко Димитриески и Димитар Димитриески.

Тешко кога играчите не играат во своите клубови, кога немате можност да видите на што се подготвени во репрезентативниот дрес. Од она што го видов на мини-турнеата низ Србија и Романија, мислам дека ова беше најдоброто од македонскиот ракомет. Го имаме Коки Петров, Дарко Димитриевски имаше добри натпревари во Шпанија, јас за него имав извадено карта за Словенија, но со игрите што ги прикажа во Србија и во Романија разочара. Димитар Димитриовски, кој на четири средби имаше ужасен шут, многу технички грешки и загубени топки исто така ме разочара. – објасна селекторот.

 

На ЕП видлива беше големата недисциплина во составот на Македонија која резултираше со катастрофален пораз од Австрија и завршување на 15-та позиција.

OhridNews