Претседателот на ФФМ, Харалампие Хаџи Ристески испрати остра реакција кон Штефан Фуле,  комесарот за проширување на ЕУ.

Почитуван г-дине Филе : “Со длабоко вознемирување ги примивме информациите дека Европската комисија промовира и практикува отворена негација на македонскиот идентитет. Ваквите постапки не се правилни, не се добри, и не му користат на никого, и затоа треба што побргу да бидат сменети и да не продолжуваат да се спроведуваат.

Фудбалот, како најважната споредна работа на светот, покрај тоа што е најзначаен спорт, е и голем промотор на здравиот систем на вредности и на културни придобивки. Фудбалот, и фудбаласката светска и европска федерација, покрај тоа што промовираат здрав живот, спротивставување на расизмот, насочување кон образование за индивидуален напредок и избегнување на навредувањето по било која основа, промовира и почитување помеѓу луѓето и почитување на идентитетите, вредности кои ние како претстваници на македонскиот фудбал дословно ги почитуваме, и очекуваме од вас како граѓани на Европа истото тоа да го правите.

Токму овие вредности, кои се цивилизациски и морални, а кои се прифатени од милијарди луѓе на планетата, нека Ви послужат како пример и инспирација како треба да се однесувате, со почит, со уважување на нашето достоинство и со отворени врати за соработка без подметнувања и понижувања.

Нашите фудбалери се промотори на универзалните човечки вредности ширум Европа и светот, и придонеле во развојот на фудбалската игра и зближување на нациите. Нашите фудбалери и во многу конкретни ситуации не дозволиле да бидат понижени, а кога некој се дрзнал да им го оспори македонскиот идентитет, се спротивставиле, и не дозволиле да бидат издевалвирани, туку напротив успеале светот да биде запознаен дека тие се Македонци, и ништо освен тоа. Така ќе биде и во иднина, секогаш и секаде.

Од името на Фудбалската федерација на Македонија ви порачуваме, ги претставуваме боите на Република Македонија, играме за македонската репрезентација и за македонските граѓани.-се вели во писмото што претседателот на Фудбалската федерација на Македонија Харалампие Хаџи Ристески, го испрати до еврокомесарот Филе.

Ohridnews