НЛБ Тутунска, Стопанска, Охридска, ТТК, Шпаркасе, Алфа, Прокредит и Стопанска – Битола се осумте банки преку кои граѓаните од идниот месец ќе можат да поднесуваат барања за кредити што ќе бидат субвенционирани со владиниот проект „Купи куќа, купи стан“.
Сите осум банки кои се јавија на повикот, како што изјави денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, доставиле понуди во рамки на предвидените услови, 4,99 отсто каматна стапка во првите три години и до 5,5 проценти во четвртата и петтата година.
– Со ова се создадаени условите за почнување на натамошните активности. Министерството за финансии веќе изготви акциски план кој предвидува при крајот на декември да стартуваат јавните објави со кои граѓаните ќе бидат информирани за можностите за учество во станбените кредити, во кои банки ќе може да аплицираат и кои документи се потребни. Кон крајот на јануари 2012 се очекува да почнат со доставување барања, по што ќе следи нивно разгледување и одобрување, а до крајот на март 2012 се очекува и потпишувањето на првите договори за станбени кредити финансирани со владиниот проект, рече Ставрески.
Субвенционирањето ќе биде на два начина, едниот со половина од месечната рата во првите пет години од отплатата, а вториот со половина од учеството потребно за добивање на кредитот.












