Осумте тенори  дел од уметничкиот проект „Тенори на 21-от век“  вчера пристигнаа во Охрид и се сместија во хотелот Инекс Горица. За разлика од неколку претходни уметници, гости на фестивалот, во рајдер листата на осумте тенори нема посебни барања во однос на сместувањето и исхраната во Охрид.

–    Навистина е прекрасно чувството да се биде во градот за кој нашите домаќини од фестивалот „ Охридско лето“ ни пишуваа и зборува толку волшебни зборови. Охрид е град во кој на едно место се собрани сите убавини на овој свет: езеро, планини, прекрасна архитектура. Задоволни од убавиот поглед со нетрпение го очекуваме утрешниот концерт во перкрасниот амбиент на Античкиот театар- изјавија тенорите по пристигнувањето во Охрид.


Првата проба тенорите ја имаа вчеравечер, при што нивните моќни изведби на дел од песните од репертоарот не ги оставија рамнодушни присутните.

Попладнево, закажана е прес-конференција по повод нивното гостување која ќе се одржи на бродот „Кристина Ројал“, при што тенорите ќе имаат едночасовно дружење со медиумите, проследено со прошетка по Охридското Езеро. 

По повод роденденот на фестивалот „Охридско лето“  публиката која утревечер ќе дојде на Античкиот театар ќе биде почестена со прекрасен репертоар, конципиран да го задоволи вкусот на стручната, но и пошироката публика, најавуваат од дирекцијата на фестивалот. Модерна поп- музика од 80-те и 90-те години е дел од репертоарот на осумте тенори кои е предвидено да ги изведат познатите песни: Воларе“, „Нон ти скордар ди ме“, „Ариведерчи Рома“, „Ла дона е мобиле“, „Мама“, „Би мај лав“ и најпознатата руска народна песна „Калинка“.

Концертот на осумте тенори ќе се одржи утревечер, на Античкиот театар, со почеток во 21 часот.

OhridNews