Во присуство на голем број граѓани, попладнево, на градското пристаниште се изврши осветување и поставување на камен темелникот за изградба на спомен обележјето за празникот Богојавление – Водици, донација на кумот на манифестацијата Водици 2012, и сопственик на градежната компанија „Адора Инженеринг“, проф.д- р Ванчо Чифлиганец.
– Јас како кум на Водици 2012 дадов ветување пред Бога и народот дека, заедно со здружението „ Богојавление“ ќе изградиме еден убав споменик кој ќе ги плени не само православните граѓани во Охрид и Македонија, туку и сите туристи кои ќе го посетат градот. Идејата е покрај тоа што ќе биде верско, духовно обележје, споменикот да претставува и туристичка атракција, изјави Чифлиганец.
Поставувањето на спомен обележјето се реализира со поддршка на локалната самоуправа.
– Локалната самоуправа беше вклучена во сите фази на носење на одлуката за избор на локацијата за поставувањето на споменикот, при изборот на идејното решение. Се надевам дека ќе стане едно препознатливо обележје на градот, рече Коњановска.
Споменикот за Водици- Фаќач на крстот, кој ќе го изработи скулпторот Ангел Коруновски, ќе биде висок три метри и десет сантиметри, ќе се лее во бронза, а ќе биде поставен на постамент од два метри, со уредена и оплеменета околина.
– Фаќачот на крст е христијански херој, кој сите го гледаме на Водици и знаеме колку е возвишен тој миг на фаќањето на крстот . Тој е млад дечко, аскетски издолжен и симболизира на христијанството. Воедно претставува и апел кон младите да се дрзнат да скокаат по крстот, објаснува скулпторот Коруновски.
Љупчо Арнаудов од здружението Богојавление, од кое потекна иницијативата за поставување спомен обележје на Водици, изрази благодарност до донаторот и локалната самоуправа, најавувајќи дека идна цел ќе биде изработка на чун од кој ќе се фрла крстот за Водици.
-Ќе тежнееме секој што ќе биде кум да остави нешто за Охрид и за празникот Водици, додаде Арнаудов.
Се очекува спомен обележјето, кое ќе биде излиено во бронза, да биде комплетирано до почетокот на летната туристичка сезона 2014.
Т.К.