Во манастирскиот комплекс  „Сите Светии“ во село Лешани, денес, се изврши осветување на црквата посветена на „Покров на Пресвета Богородица“. Во присуство на голем број верници, осветувањето го изврши надлжниот митрополит Дебарско – кичевски Тимотеј со свештенството и старешината на манастирот, отец Вартоломеј.  Црквата е изградена најголем дел со манастирски средства и со помош на донации. Почна да се гради во 2012 година, а изградбата заврши во 2017 година.

Идејата за изградба на црквата дошла, како што објаснуваат свештените лица, по појавување на чудото на денот на зачнување на света Ана – 22 декември, во 2004 година, кога во манастирскиот комплекс снемало струја во 22 часот и 30 минути. Отец Вартоломеј станал да земе свеќа да го осветли монашкиот конак, а мајка Илинка погледнала низ прозорецот да види дали има струја во селата Белчишта и Песочан. „Само што се доближив до вратата се појави силна светлина како од рефлектор, кога погледнавме убаво од западната страна тргнаа четири снопа светлина да се искачуваат. Трепкаа како блицеви кон местото каде што сега е гостоприемливиот конак, како некој да го скенира. Наеднаш два пламени снопови застанаа на местото пред конакот, а другите два застанаа позади олтарите на двете цркви. Изгледаа како снопчиња. Маглива светла патека се постилаше и се собираше од камбанаријата до црквата, а таква светлина гледавме и по шумата. Од монашкиот конак до црквата патеката беше осветлена како авионска писта, како со свеќички, ѕвездички и целосно озарение на една благодатна светлина во црквата се познаваше. Буквално како илјадници свеќи да горат внатре. Ова се случуваше до две минути на полноќ. На две минути пред полноќ се осветли цел манастирски комплекс како напладне, како ден и точно на полноќ се собраа четирите пламени снопови во сред манастирски двор и исчезнаа“.

Приказната се провлекува и во наредните шест месеци. На шеститот месец, на 12 јули следната година на влезната врата од манастирскиот комплекс се појавил неракотворниот лик од Пресвета Богородица, а под нејзиниот лик раката на Господ Исус Христос, кој ги благословува сите добронамерни верници што доаѓаат на поклонение.

Во нареднот период планирана е изградба на монашки конаци за зголемување на монашкото братство и реновирање на гостоприемните соби за да може секој добронамерник верник да преноќи.

OhridNews