Пред точно една година Лајонс клубот „Лихнидос“ покрена иницијатива за внатрешно осветлување на една од најубавите цркви во Република Македонија, Света Богородица Свевидевсха (Перивлепта) од 1295 година. Во првата фаза беа преземени активности за осветлување на главниот брод од црквата – наосот. Сега успешно заврши втората фаза на проектот, со која се опфати нартексот, односно припратата на црквата. Осветлувањето го инсталираше компанијата „MM Lux Light“ од Охрид.
“Клубот Лихнидос веке една деценија активно делува како невладина организација со хуманитарен карактер. Сепак, многу често нашето внимание е свртено и кон јавните установи, културните институции, историските настани и верските објекти во Охрид. Во контекст на перманентните заложби за адекватно негување на богатото културно и историско наследство, клубот продолжи со акцијата за осветлување на црквата Св. Богородица Перивлепта. Планот предвидува уште една, финална фаза, со која ќе се комплетира надворешното осветлување на овој значаен верски и културен објект. Наша желба е тоа да се изведе на начин да биде опфатен целиот сакрален комплекс, односно црквата, камбанаријата, галеријата на икони и зградата на Митрополијата.” – вели Проф. Д-р Зоран Тунтев, иницијатор на акцијата.
Во октомври 2016 година по седум годишна работа, со финансиска помош на американската амбасада во земјава која донираше 600.000 долари, беше завршена конзервацијата на фрескоживописот во оваа црква и на ѕидовите на овој значаен сакрален објект од тринаесеттиот век, кој се смета за врвно дело на византиската архитектура. Со инсталирањето на внатрешното осветлување, пак, повторно засјаија уникатните фрески, оригинално насликани од големите мајстори Михаил и Евтихиј.
OhridNews














