Како дел од активностите поврзани со заштита и унапредување на културните вредности во Охрид, лајанс клубот „Лихнидос“ покрена и реализираше иницијатива за надворешно осветлување на музеј – куќите Уранија и Робевци.

“Добрата идеја секогаш бара и ефикасна реализација. Заради тоа, прво побаравме дозвола од МАНУ, од Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид и од фамилијата Ефтимови. Потоа се обративме до стручните служби на Општина Охрид и до фирмата ИЦС Системи, задолжена за поставување и одржување на јавното осветлување во нашиот град. Како резултат на нивната експресна и крајно професионална реакција, од синоќа двете најубави фасади, кои многу често се користат како заштитен знак и препознатлив симбол на Охрид, добија блескаво ноќно руво.” – изјави проф. д-р Зоран Тунтев, иницијатор на идејата.

Членовите на клубот„Лихнидос“ изразуваат благодарност до сите инволвирани во проектот и најавуваат нови слични акции, како што е осветлување на западната страна од катедралата Св. Софија, црквите Св. Богородица Болничка и Мал Св. Климент, како и осветлување на пристапните патеки до трите централни основни училишта во Охрид.

OhridNews