Струга се подготвува за големиот христијански празник Богојавление – Водици. Осветувањето на водите и положувањето на светиот крст во водите на Црн Дрим, во понеделник ќе почне во 11 часот на Чаршискиот мост, а ќе го изврши митрополитот на Дебарско-кичевската епархија г. Георгиј.

Богослужбата во соборниот храм „Свети Ѓорѓи“, од каде и ќе тргне поворката, ќе почне во 7 часот и 30 минути, а поаѓањето кон Чаршискиот мост ќе биде во 10 часот и 30 минути.

За безбедноста на капачите и годинава ќе се грижат волонтерите на Црвениот крст – Струга, од каде препорачуваат внимателно да се пристапува во студените води на реката Црн Дрим.

Празникот Богојавление Водици масовно се одбележува во Струга. Секоја година голем број верници скокаат по Светиот крст во студените води на Црн Дрим, но голем е бројот и на оние што влегуваат во осветените води за здравје. Оној што ќе го фати Светиот крст се верува дека ќе има бериќетна година.

OhridNews