
Како што детството изобилува со многу радост, желби, игри, мечти, тајни дошепнувања, така и првиот циклус „Детство“ во светот на „Нова приказна“ го задржува тоа правило. Авторот сугерира на сите моменти од детството, на сите соништа кои се исполнуваат под магичното стапче на несопирливите желби. И остануваат тие слики, врежани во секој од нас, како подарок кој веќе го немаме на сликата пред нас, но може да го почувствуваме во оние моменти кога ќе насетиме некој чуден мирис во воздухот кој нѐ враќа наназад. Целата книга е проткаена со филозофски размисли на авторот за тоа колку е „лесно“ да се пишува или за љубовта. Тоа се тие две нешта што оставаат печат врз оваа книга на Мерсиха Исмајлоска, па така пред крајот на „Детство“, таа дава дефиниција за љубовта: „Љубовта е чезнеењето, насетувањето, повлекувањето, сѐ околу него, освен самото чувство.“
Продолжувајќи во таа насока и во наредниот циклус во збирката „Младост“, авторот повторно ја сугерира љубовта, но овој пат позасилена, поосмислена, посозреана, но проткаена и со еден конец на сомнеж кој пак го раѓа копнежот. Читајќи ги овие раскази, во еден момент имате чувство дека ликовите, главните протагонисти се реални, вистински, но во наредниот се прашувате: „Јас ли сум ова?“ или може да биде некој од Вашата непосредна близина… кој знае… Такво чувство му внесува Исмајлоска на читателот, чувство на копнеж, надеж, а потоа, потоа повторно од почеток. Исто како и нејзините изгрејсонца и зајдисонца.
Периодот на зрелоста во „Нова приказна“ започнува со исповед. Симболично. Како ослободување пред налетот на подлабоките емоции. И тоа, не која било исповед туку исповетта на уметникот кој исчезнува со ветрот, а кој сака да остане запаметен оставајќи трага, коцкајќи се и „флертувајќи со празната страница“. Водата како форма на живост е прилично застапена, во помал или во поголем обем во книгата на Мерсиха Исмајлоска. Претставена преку нејзината одлика на преносливост, водата зазема значајно место во „Нова приказна“, како „креативна сила која ја пренесува и ја поништува категоријата време“. Оттука и тргнува понатамошната филозофска размисла во „Зрелсот“: „Во моменти на раскрсница до кои доаѓа секој човек, езерото е тука, да укаже на изборот во кој се реализира вистинската човекова природа“. И пак вода, вели Мерсиха. Како да сака со неа да го востанови повторниот ред на нештата, бидејќи чекајќи ја апокалипсата копнежот за ред постои и тоа „копнеж за ред на растурените кибритки чие кутивче е изгубено“.
Двостраната потреба за доживување на чувството ја разорува тишината. Читателот може да допушти да биде внесен по патеката на тивките мисли, оние кои ја носат бурата од емоции. Опишувајќи некои фантазмагорични ситуации, сонувајќи со отворени очи, Мерсиха Исмајлоска го нуди својот свет како мотив за уште поголеми достигнувања во сопствениот свет на секој од читателите. Оваа книга претставува почеток и крај на секое чувство поврзано со понатамошното секојдневно битисување на човекот. Затоа, отворете ја својата душа за новите вибрации и потоа тргнете по патот на тивките мисли кои носат бура.
М-р Лидија Размоска











