Отказите на вработените новинари во „Утрински весник“ се неосновани и не се во согласност со Законот за работни односи, вели наодот на Државниот инспекторат за труд.

Трудовиот инспекторат постапил по барање на вработените од „Утрински весник“ кои добија откази без отказен рок.

„По побараната заштита, Државниот инспекторат за труд извршил инспекциски надзор кај работодавачот и констатирал дека одлуките за престанок на работниот однос на работниците без отказен рок не се во согласност со законот за работни односи“, велат од новинарскиот синдикат.

Работодавачот по одлуката на Државниот инспекторат за труд има право на приговор на одлуката, а потоа мора да ги врати новинарите на работа.

„Одлуката на Државниот инспекторат за труд е голема порака на оптимизам и охрабрување дека во оваа земја постојат институции и постојат закони и тие се почитуваат. Можеме да констатираме дека малодушноста мора да престане да биде заштитен знак на нашата професија, мора да се променат работите, постојат институции, постојат закони и ние треба да го бараме она кое ни следува, а тоа е почитување на законот и законските процедури. Секаде во светот, УЈП, судовите и трудовата инспекција се партнери на синдикатот во заштита на законитоста и оваа одлука на државниот инспекторат е токму тоа“, порача Тамара Чаусидис, претседател на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

Новинарите од „Утрински“ изјавија дека одлуката на Државниот инспекторат за труд која ги прогласи нивните откази за неосновани, претставува морална победа и ќе биде од голема помош во нивната правна битка која, како што велат, продолжува.

OhridNews
извор: „Макфакс“