Десетметарски бор откорна невремето на улицата „Сатеска“ во Даљан и падна на паркирано возило. Жителите од населбата во допис до медиумите реагираат дека борот веќе неколку дена е на земја и покрај нивните барања до надлежните служби истиот да биде отстранет. Дрвото велат се наоѓа на државно земјиште, а паднато е на пешачка зона по која се движат станари на зграда со три влеза и за среќа, нема човечки жртви.
Веднаш беше повикана пожарникарска служба за итно да се реагира, но, истата се прогласи за ненадлежна за тоа и си замина. Потоа веднаш беа повикани и претставници од Општина Охрид и од општинското претпријатие Комуналец кои наместо итно да реагираат и да го отстранат паднатото масивно дрво кое ја има смачкано колата истите си заминаа без да дадат конкретен одговор дали ќе го отстранат дрвото или пак кога ќе го сторат тоа и покрај тоа што им беше посочено дека уште пред неколку години на сосема истава локација беше исто така паднат бор по што претставници од Општина Охрид ги обележаа и останатите борови како опасни и дека мора истите да се отстранат од нивна страна. Општина Охрид и после неколку години не ги отстрани боровите што и доведе до ваква нова повторна несреќа само што овој пат има настанато материјална штета. На повторените повици до нив за да постапат одбиваат да дојдат да го отстранат со тврдење дека граѓаните треба сами да го отстранат иако борот кој падна се наоѓа на земјиште во сопственост на државата, посочуваат во дописот.
Од ЈП „Охридски комуналец“ велат дека немаат обврска да го подигнат дрвото посочувајќи дека Комисијата за преземање мерки и активности за отстранување дрва на подрачјето на град Охрид уште во 2023 година донела решение со кое ја задолжува Заедницата на сопственици на станови од зградата на ул. „Сатеска“ да ги уреди крошните на дрвата кои се наоѓаат во дворното место на зградата во рок од шест месеци.
Обврската за подигнување на дрвото како и самото одржување претходно е на Заедница на сопственици на станови од зграда на ул. „Сатеска“ бр. 40, Охрид. Тоа го има утврдено Комисијата за преземање на мерки и активности за отстранување на дрва на подрачјето на Општина Охрид по барањето доставено од Заедницата на сопственици. Постапувајќи по барањето, Комисијата за преземање мерки и активности за отстранување на дрва на подрачјето општина Охрид, формирана од Градоначалникот на општина Охрид констатирала дека во дворното место од зградата има две стебла од кедар (Cedrus atlantica ), две стебла од смрча (Picea sp.), едно стебло од чемпрес аризонски (Cupressus arizonica ) и едно стебло од орев (Juglans regia) кои заради својата висина и развиеност на крошната, при поголеми временски неприлики претставуваат опасност по материјалните добра и луѓето, посочуваат од претпријатието.
До денес ништо не било преземено од страна на станарите по однос на решението од Комисијата.
Од ЈП Охридски Комуналец велат дека одговриле по однос на барањето од жителите за отстранување на дрвото и веќе е изготвена и доставена пресметка до фирмата за управување со згради за што станарите ќе треба да платат 18 800 денари.
Н.С.Ј.














