Астрономите открија планетарен систем доста сличен на нашиот, а кружи околу една далечна ѕвезда двојно помала од Сонцето. Две планети од тој систем премногу потсеќаат на Јупитер и Сатурн.

Д-р Мартин Доминик од сеучилиштето Св. Ендрјус во В.Британија вели дека ова откритие значи дека системите како нашиот може да бидат повообичаени отколку што мислиме. Астрономите се на пат кон откривање на повеќе такви системи.
Ова исто така би значело дека дел од таквите планетарни системи кои наликуваат на нашиот би можеле да бидат планети налик Земјата. Прашање на време е кога ќе бидат откриени тие системи, изјави Д-р Доминик.

„Планетите кои ги пронајдовме се со иста маса и растојание на кружење. Тоа значи дека настанале на сличен начин како нашиот Сончев систем. Ако е тоа навистина точно, тогаш Сончевиот систем не може да биде единствен во вселената. Мора да постојат слични системи во кои би имало планети слични на Земјата“, истакнува Д-р Доминик.

Новиот планетарен систем наречен OGLE-2006-BLG-109L е покомпактен од нашиот и оддалечен од него 5 илјади светлосни години. Иако досега се откриени скоро 300 планети надвор од Сончевиот систем, не е откриена ниту една која наликува на нашата планета. Исто така 10% од откриените планетарни системи имаат повеќе од една планета.

Системот е предалеку за да откриеме планета која наликува на Земјата. Планетите во системот OGLE се пронајдени со техниката наречена гравитациско микрофотографирање при кое предметите кои се наоѓаат пред оддалечените планети, во овој случај некоја друга ѕвезда, ја прекршуваат и зголемуваат светлоста на оддалечените планети.


Ѕвездата околу која се движат планетите во новооткриениот систем на некој начин е смалена верзија на нашето Сонце. Планетите кои наликуваат на Јупитер и Сатурн кружат на дупло помала оддалеченост отколку случајот кај нас.

Крајна цел на астрономите кои ги истражуваат далечните планети е пронаоѓање на планети слични на Земјата или Марс, кои би можеле да се населат. Д-р Доминик смета дека во следните неколку години научниците би можеле да дојдат до некои интересни откритија.

Сепак, засега нема надеж дека ќе се открие нова планета налик Земјата во системот OGLE затоа што системот е премногу оддалечен за да може да се открие со моменталната расположива техника.