Како организатори на криминалната група се идентификувани три лица од кумановското село Лојане, едно од Богданци и едно лице од Судан. Тие организирале канал за криумчарење на мигранти преку територијата на Р. Македонија како дел од меѓународна криминална мрежа за криумчарење на мигранти. Од средината на декември минатата година, преку територијата на Македонија успеале да прокриумчарат повеќе од 250 мигранти по потекло од Авганистан, Пакистан, Судан, Сирија и други арапски и африкански земји. Притоа, криминалната група наплаќала од 120 до 200 евра по мигрант за транспорт од границата со Р. Грција до Кумановскиот регион, каде мигрантите биле привремено сместувани, и потоа за сума од околу 300 евра по мигрант се вршело нивно илегално префрлање на територијата на Р. Србија. Дел од паричните средства биле наплаќани во готово од мигрантите, а дел од парите преку користење на брз трансвер на пари се префрлани на име на организаторите на криминалната група од с.Лојане, при што истите имаат остварено значителна имотна корист.
Во извршувањето на криминалните активности на криминалната група бил инволвиран и вработен во Министерството за внатрешни работи на Македонија, кој активно ја помагал криминалната група со оддавање на информации за поставеноста на полициските патроли, времето на патролирање, како и со обезбедување на “чист пат“ при транспортот на мигрантите, за што добивал парични средства од страна на организаторот на групата.
При извршените претреси, пронајдени и одземени се седум патнички моторни возила со кои бил вршен транспортот на мигрантите од Гевгелија до Куманово, а пронајдени се и двајца илегални мигранти по потекло од Судан. Исто така, одземени се и 3380 евра, 30 швајцарски франци, 1720 српски динари и 10 потврди за трансакции на парични средства преку фирми за брз трансвер на пари.
Сите лица, членови на криминалната група инволвирани во криминалните активности на криумчарењето на мигрантите,се предадени пред надлежен истражен судија. Кривична пријава е поднесена против организаторите на групата,а кривично пријавени се членовите на групата, како и полицискиот службеник од Скопје. Истражен судија на пријавените веќе им одреди мерка притвор во траење од по 30 дена. Од страна на ЕТЛКМ се преземаат натамошни мерки за целосно расветлување на случајот.