При изведување на заштитно конзерваторски работи на археолошкиот локалитет „Манчевци“ во старото градско јадро на Охрид, откриена е ранохристијанска базилика, која според првичните проценки потекнува од периодот на 4-5 век од нашата ера.
Базиликата е одлично зачувана и претставува вистинско културно богатство, велат стручњаците.
-Се работи за една од деветте ранохристијански базилики откриени во стариот дел на Охрид, со прекрасни мозаични подлоги. Таа е дна од најубавите и има огромно значење за Охрид, кој треба да се гордее, затоа што ниеден друг град или локалитет нема толку многу ранохристијански базилики како древниот Лихнид, кој слободнмо можам да кажам е втората Јустинијана прима, изјави Паско Кузман, археолог и директор на Управата за заштита на културното наследство.
Археолошкиот локалитет каде е пронајдена вредната базилика се наоѓа во густо населено место и најверојатно се протега и под околните куќи, чии жители стравуваат за нивните објекти затоа што, како што велат, веќе се јавиле помали оштетувања на градбите.
Надлежните велат дека ја имаат предвид спецификата на теренот, поради што до крајот на годината тука ќе биде изграден потпорен ѕид. Исто така се размислува и за експропријација на дел од куќите, но тоа не зависи само од волјата на државата, истакна министерката за култура Елизабета Канческа Милеска, која денеска го посети археолошкиот локалитетат „Манчевци“.
-Ќе разговараме со граѓаните околу можноста за експропријација, но тоа е процес кој долго трае и не зависи само од Министерството за култура и државните институции, така да доколку не се најде некакво решение, ние ќе го заштитиме локалитетот и ќе го презентираме на јавноста идната година, истакна министерката Канческа Милеска.
Првите вредни наоди на археолошкиот локалитет „Манчевци“ беа пронајдени во 2008 година при копање темели за изградба на куќа, при што беа откриени делови од ранохристијанска базилика, за која тогаш се сметаше дека претставува дел од Епископски двор кој археолозите очекуваа да го најдат на Плаошник. Последните откритија фрлаат нова светлина на овој археолошки локалитет, кој според стручната јавност крие уште тајни.
Горан Момироски
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com