Интензивните технички контроли на мерните места кај корисниците на електрична енергија во Охрид, Ресен и Дебрца продолжуваат и во месец март. Екипите на ЕВН Македонија заедно со истражните судии и сите надлежни за сузбивање на кражбите ќе ги посетат сите корисници за кои анализите покажале основано сомневање за кражби на електрична енергија, информираат од компанијата.
-Од направените 228 контроли на мерни места утврдени се 28 кражби. Над 90 % од нив се со директна манипулација на броилото, а останатите со премостување на броилото или директно приклучување на мрежа без броило. На сите корисници фатени во кражба им се направени пресметки за неовластено користење на електрична енегија и против сите се поднесени кривични пријава.-велат од ЕВН.
Од почетокот на годината екипите на ЕВН Македонија во Охрид, Ресен и Дебарца од направените над 600 контроли на мерни места откриле над 58 кражби. Судска разрешница чекаат и 40 – тина случаи кои се откриени во Охрид и околните населени места на крајот на минатата година.
Годинава на сила стапија и измените и дополнувањата на кривичниот законик. Со нив кражбите на сите видови енергија претставуваат кривични дела казниви со казна затвор до 5 години. Штетите од кражбите се многукратни, не само финансиски за компанијата и државата туку се опасни пред се по животот и здравјето на оние кои живеат во близина на кражба на електрична енергија бидејќи често се случуваат експлозии и пожари, предупредуваат од ЕВН.