Богато војничко погребување со комплетна воена опрема меѓу која штит, шлем, копја, меч и предмети од злато, бронза и килибар е најновото исклучително откритие на археолозите на архајската некропола Расница кај струшкото село Корошишта.

Овие откритија, како што посочуваат од Националниот археолошки музеј, дополнително и недвосмислено го потврдуваат карактерот на локалитетот Расница како некропола од архајскиот период, отворајќи нови можности за проучување на погребните обичаи, воената и општествената структура и елитите што живееле на просторот на Охридско-струшкиот регион во текот на VI век пр. н.е.

Откритијата од 2026 година сега внесуваат нова и исклучително важна димензија во разбирањето на некрополата. Богатото војничко погребување и комплетот оружје откриен во него претставуваат значаен археолошки контекст што ќе овозможи попрецизно согледување на статусот, идентитетот и воената улога на дел од лицата погребани на оваа некропола, потенцираат.

Со континуираните истражувања, Корошишта се издвојува како еден од најзначајните новооткриени археолошки комплекси од архајскиот период во земјата и како локалитет од особено значење за проучувањето на Охридско-струшкиот регион во VI век пр. н.е.

Локалитетот Расница кај Корошишта го привлече вниманието на јавноста во 2024 година, кога археолошките истражувања открија монументална гробна целина и исклучително богат археолошки материјал. Меѓу тогашните наоди беа бронзен шлем со златни апликации, бронзен штит, златен надградник, златни прстени и фолии, килибарни и стаклени мониста, сребрени игли и кантарос, како и повеќе бронзени садови.

Најновите резултати од археолошките истражувања ќе бидат соопштени денес на прес конференција на која најавено е присуство на археолошкиот тим под раководство на д-р Перо Арџанлиев, кустос советник во Националниот археолошки музеј, директорката на Националниот археолошки музеј, Магдалена Манаскова и директорката на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева, како и директорите на НУ Завод и музеј Охрид, Никола Патчев и на НУ Музеј д-р Никола Незлобински-Струга, Цветлана Василевска.

OhridNews