Вознемирувачки случај на труење домашни миленици се случил изминатата ноќ, откако во ограден двор од приватна куќа била пронајдена храна со отров. Отруени биле куче и маче, а и покрај брзата ветеринарна интервенција, кучето не преживеало.

За случајот јавно информираше ветеринарниот доктор Тони Танкоски, кој околу 2 часот по полноќ добил повик за помош и веднаш интервенирал. Двете животни покажувале сериозни симптоми на труење и веднаш примиле терапија.

Двете животни пенеа од устата. Мачето изело помалку од отровното месо, додека кучето изело повеќе. И покрај експресно дадената терапија, кај кучето набрзо настапија нервни симптоми и, за жал, угина, наведува Танкоски.

Мачето, по укажаната помош и тешката борба, преживеало.

Според сведоштвото на ветеринарот, месото со отров било фрлено завиткано во салфетка во прописно ограден двор во кој биле чувани милениците. Танкоски смета дека околностите укажуваат дека тоа било направено намерно.

Случајот предизвикува загриженост и повторно го отвора прашањето за опасноста од труење животни, особено кога отровни материи се оставаат или фрлаат на места каде можат да дојдат во контакт и други животни или луѓе.

Г.М.

Фото: Фејсбук I Тони Танкоски