Света архиерејска литургија по повод празникот Св. Јоаким Осоговски отслужена во храмот „Св. Петар и Павле“ .
На 29.08.2021 година, во Десеттата недела по Педесетница и на празникот на Неракотворниот образ на Господ Исус Христос и на преп. Јоаким Осоговски, во храмот „Св. Петар и Павле“ во с. Мешеишта, Охрид, беше остлужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Горан Ставрески и Александар Димоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа. На самиот крај, парохискиот свештеник Александар Димоски, во името на црковниот одбор од Мешеишта, му подари на Митрополитот Тимотеј прекрасна икона од св. ап. Тимотеј, се вели во соопштението од Дебарско-кичевската епархија.
Свети Јоаким Осоговски важи за светец со силен култ во Североисточна Македонија. Житието на свети Јоаким Осоговски сведочи дека тој се угледал на Игнатиј Богоносец „упатувајќи се како ѕвезда многусветла од запад кон исток, дојде во областите на планините Осоговски“. Значи, пустиножителството Свети Јоаким го започнал во селото Градец, во Осоговскиот крај, а потоа засекогаш се населил во една пештера во местото Бабин Дол во близината на Сарандапорската река, каде што останал до крајот на животот. Житието на овој светец сведочи дека педесет години по неговата смрт на местото каде што почивале неговите мошти бил ставен камен темелник на манастир што го носел неговото име.
Свети Јоаким Осоговски живеел во втората половина на XI век а умрел најдоцна во почетокот на XII век. Бил наречен Сарандапорски поради местото каде што живеел. Бил многу почитуван за што сведочи и неговата служба датирана во XIII век. Манастирскиот комплекс на Јоаким Осоговски бил основно светилиште на неговиот култ независно од црковните и политичките услови низ кои минел осоговскиот крај.
OhridNews
фото: Дебарско кичевска епархија












