За Велики четврток во храмот „Пресвета Богородица Перивлепта“ во Охрид беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Никодим, свештеникот Васил Михајлоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски.

На денешен ден Господ Исус Христос ја востановил светата Тајна Причест или Евхаристија. Смислата на христијанскиот живот е во соединувањето со Христа, во влегувањето во Него и престојувањето во Него. Христос, Синот Божји, јавувајќи се во светот, ни го дал не само Неговото учење туку, пред сѐ, Он ни се дал Самиот Себе, Своето родство и можноста да се соединиме со Него. За да се случи тоа родство, Он им го оставил на христијаните најсилно средство – светата причест. Преку причестувањето Христос ни го предлага Своето родство и Својата света Крв. Преку причестувањето ние го примаме во себе она што самите го немаме во нас ниту, пак, го има во целата вселена – ја примаме бесмртноста. Христос воскресна од мртвите, ја победи смртта и со тоа го покажа почетокот на една нова вселена, на еден нов век, каде што повеќе смртта нема да постои. Ние сме повикани кон таквиот век и во свое време ќе влеземе. Ние сѐ уште не сме влезени, но сме на пат кон него. Нам ни е дадена големата Тајна на Евхаристијата како залог на тој век, како семе кое ќе изникне во свое време и ќе донесе плод за живот вечен, рече Митрополитот Тимотеј.
OhridNews
извор/фото. Дебарско-кичевска епархија












