Екипи при локалната самоуправа утрово ги отстранија поставените рампи кои го спречуваа нормалното функционирање на сообраќајот во овој дел од градот.

Како што претходно најави Градоначалникот Бакрачески, просторот за паркирање во центарот на градот и околните улици ќе биде слободен за движење, а  Договорот за закуп на паркинг просторот ќе биде раскинат, затоа што е штетен за општина Охрид и граѓаните.


Со ова се реализира првиот сегмент од ветувањето на Градоначалникот Бакрачески за елиминирање на сите затекнати дубиози во функционирањето на локалната самоуправа. Компромис нема да има со никого, кога се работи за спроведување на законот и штитење на интересите на граѓаните на Охрид, велат од локалната самоуправа.

Оттаму информираат дека во текот на утрешниот ден, ќе бидат преземени градежни зафати за отстранување и на бетонираните пречки на кои беа поставени паркинг – апаратите.


Давањето на управување на паркинг-просторот на приватен субјект за локалната самоуправа претставува штетен договор, донесен под сомнителни околности, во една нетранспарентна постапка и истиот претставува акт на нарушување на интересите на општина Охрид и нејзините граѓани. Затоа, општина Охрид ќе ги преземе сите законски средства да го раскине овој штетен договор, додаваат од локалната самоуправа. 


Потенцираат дека локалната самоуправа останува на ставот дека за сите лица инволвирани во потпишувањето на договорот кои со своите постапки свесно направиле злоупотреба на својата позиција, правејќи штета по имотот и угледот на општина Охрид, ќе се бара нивно санкционирање.

OhridNews