59. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј ќе биде отворена денеска во Конгресниот центар во Охрид. На оваа летна школа ќе учествуваат 60 македонисти, слависти, балканолози, филолози, културолози и преведувачи од 17 земји од: Албанија, Аргентина, Бугарија, Италија, Јапонија, Канада, Народна Република Кина, Полска, Руска Федерација, САД, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција и Хрватска.

Програмата на Летната школа содржи: лекторски вежби, предавања, интерактивна настава, амбиентална настава во стариот град, курс по македонски народни ора, преведувачка работилница, културно-уметничка програма, промоции и научна екскурзија во стариот град.
На Свеченото отворање ректорката Биљана Ангелова ќе ги додели наградите за македонистика. Годинава, добитник на најголемата награда за македонистика „Воздејства“ е проф. д-р Кристина Крамер, врвен македонист од Канада, а добитници на благодарници „Синергии“ се министерката проф. д-р Весна Јаневска и Државна лотарија на СР Македонија.
Издавачката дејност на УКИМ ќе промовира најнови шест зборници: „Зборник-Предавања на 58. Летна школа“, „Зборник на 52. Меѓународна научна конференција“, три зборници од преведувачката работилница, приредени од проф. д-р Кристина Николовска: „„Гане Тодоровски – на недорек јазици“, „Петре Андреевски – на река од јазици“ и „Анте Поповски – на океан од јазици“ и „Излишно писмо до Бога / Zbyteczny list do Boga“, препеви на полски јазик од проф. д-р Маќеј Кавка.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во изминатите три години бележи подем на меѓународната македонистика, при што, со поддршка на Министерството за образование и наука и Министерството за финансии, УКИМ отвори три лекторати по македонски јазик: во Тирана (Албанија), Нитра (Словачка) и го возобнови најстариот лекторат во Неапол (Италија), со што бројката на лекторати се зголеми на 12.
OhridNews










